СТАРТУВААТ ВТОРИТЕ ЛИГИ: Силекс граби кон „елитата“, Вардар и Воска во битка за баражот, на истокот „гужва“ за првото место

Денеска стартуваат второлигашките возбудувања во македонските две втори лиги. Интересно ќе биде и на западот и на истокот, особено на истокот каде што дури четири екипи се борат за првата позиција на табелата и директен пласман во „елитата“. На западот, пак, се очекува вистинска битка меѓу Вардар и Воска Спорт, кои ќе се борат за второто место, и пласман во баражот за Прва лига, додека се чини таму Силекс е веќе со едната нога повторно во „елитата“.

Победа, Слога Виница, Каменица Саса и Беласица се екипите кои ќе водат вистинска битка за првите две места на табелата во источната конкуренцијата. Во моментов Победа и Слога В. влегуваат со идентичен број на бодови (32), додека еден помалку има Каменица Саса. Секако ниту екипата на Беласица нема да се предаде и има 28 бодови, со една победничка серија може и тоа како да влезе во конкуренција за првото место.

А, денеска дербито е во Македонска Каменица, каде што Каменица Саса игра со петтопласираниот Кожуф. Победа гостува на Братство, додека Беласица има тешко гостување во Кочани. Слога во Виница го дочекува тимот на Пехчево.

Во западната конкуренција, пак, Силекс има добри девет бодови предност пред второпласираниот тим на Воска Спорт, додека Вардар заостанува три бода зад Воска. Токму битката меѓу Воска и Вардар ќе биде најинтересна во оваа конкуренција. Вардар добро се засили, ги врати Гачевски, Мицевски, го вратија и Демир, а тука има и искусни играчи како Стојанов, Стојковски, Петковски, Блажевски… Вардар имаше подготовки во Анталија, се средија работите околу примопредавањето на клубот, па сега може да граби кон прволигашката конкуренција. Но, ќе го има за предизвик да го стигне тимот на Воска Спорт, кој исто така се засили во овој преоден рок со неколку имиња. Беа донесени дури девет нови имиња: Гафури, Размоски, Мурати, Силјановски, Лога, Илијовски, Исмаили, Мевмедовски, Џемаили.

Денеска Вардар ќе му гостува на тимот на Охрид, кој зимава се консолидираше во раководните структури. Силекс го пречекува дома Гостивар, а Воска Спорт игра со „фенерџијата“ Кадино, и не би требало да има проблем да дојде до победата.

ВТОРА ЛИГА ЗАПАД, 16. КОЛО (14:00 Ч.):

Силекс – Гостивар
Тетекс – Кораби
Охрид – Вардар
Кадино – Воска Спорт
Беса – Велешта

ВТОРА ЛИГА ИСТОК, 16 КОЛО (14: 00 Ч.):

Братство – Победа
Локомотива Градско – Детонит Јуниор
Осогово – Беласица
Слога В. – Пехчево
Каменица Саса – Кожуф

Се вчитува...