Стартуваме без Пандев против Ерменците, Шишковски на голот

Македонската репрезентација ќе стартува без капитенот Горан Пандев на натпреварот против Ерменија кој стартува од 15 часот на арената „Тодор Проевски“ во Скопје во првото коло од Ц лигата на новата сезона од Лигата на нации.

Одлуката на селекторот Ангеловски е натпреварот да го стартува без искусниот Пандев, кој се очекува да го одигра второто полувреме. На голот ќе биде Дамјан Шишковски, како замена за досега стандардниот Столе Димитриевски кој отпадна поради позитивен тест на коронавирус.

Останатите кои ќе стартуваат се веќе очекувани. Во одбраната ќе бидат Стефан Ристовски, Дарко Велковски, Висар Муслиу и Кире Ристевски, во средниот ред Аријан Адеми, Бобан Николов, Енис Барди, Елиф Елмас и Езгијан Алиоски, и во нападот Илија Несторовски.

Се вчитува...