Меморијалниот одбојкарски турнир „Бранко Хаџииљоски – Чајка“ честопати го менуваше терминот, но организаторите секогаш ја почитуваа традицијата преку неговото одржување да биде одбележан ликот и делото на основоположникот на одбојката во тетовскиот регион.
Престижната манифестација годинава се одржува 46-ти пат, а како што се случуваше и претходно, повторно е во функција на македонските репрезентации, сега како дел од подготовката за македонскиот женски национален состав за одбојкарки до 19 години за настапот на Европското првенство во оваа возрасна категорија. Токму затоа натпреварите на турнирот „Чајка“ се играат во салата „Војвода Ѓорѓи Стојанов“ во Крушево каде што иднината на нашата женска одбојка во минатите два месеца работеше за што подобро учество на континенталниот самит на којшто домаќин ќе биде Македонија од 27. август до 4. септември.
Со оглед на тоа дека по повеќе од една деценија на сцена се врати и женската сениорска репрезентација со настап на Медитеранските игри, и тој црвено-жолт тим е дел од турнирот, а гости на „Чајка“ се сениорската селекција на Босна и Херцеговина и репрезентацијата на Косово за одбојкарки до 19 години.
Како што е вообичаено, сите ќе одиграат по еден натпревар меѓу себе, по што в сабота ќе биде прогласен победникот на 46-тото издание на традиционалниотмеморијал „Чајка“.
На првиот ден од натпреварите, Босна и Херцеговина очекувано го совлада Косово (У19) во четири сета, со убедлива игра откако го загуби првиот. Во дуелот на двете македонски репрезентации, сениорките беа поуспешни од младинките со 3-1.
Денеска, македонската сениорска селекција ќе игра против Косово, а помладите македонски одбојкарки ќе имаат сериозен тест против Босна и Херцеговина.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА