Со почетокот на годинава стартуваа и активностите околу подготовката на најголемиот македонски стадион за Супер купот на УЕФА кој не очекува на 8. август оваа година.
Почна и ребрендирањето на „Телеком арената“ комбинирано со активностите околу довршување на фасадата на Северната трибина и на поттрибинскиот простор на Источната трибина. И тоа како значајни забелешки имаа изминатиот период од УЕФА очекувајќи дека комплетно ќе бидат реализирани сите активности за успешна организација на Супер купот.
Според забелешките, на Северната трибина, меѓу вториот и третиот кат, постои простор од повеќе од 2.000 квадратни метри што мора да се стави во функција. На тој простор планирано е реновирање на простории за ВИП-гостите и партнерите на УЕФА. А, ќе биде прошируван и комплетниот простор за подобрување на работата на медиумите, новинарските ложи, и прес-просторот.
Според најавите, натпреварот од Супер купот на УЕФА ќе биде пренесуван со 20 камери, за кои ќе биде неопходен и поголем простор на Северната трибина. Извесна адаптација ќе има и за пристапните влезови на трибините.
Делегација на УЕФА претходно беше во посета во ноември минатава година, а овој месец ќе следи нова посета за контрола на активностите околу подготовката за организацијата на еден од најголемите европски клупски настани годинава.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА