Стартуваше „Струга 2022“: Алкалоид го намачи Вардар, Е. Пелистер подобар од домаќинот

Македонскиот шампион Вардар прописно се намачи за победа против РК Алкалоид во првиот свој натпревар на Струшкиот ракометен турнир 2022.

На отворањето на турнирот, „вардарци“ триумфираа со 24-22 (12-10) во максимално израмнет дуел, во кој Вардар се стекна со предност од 10-5 во првиот дел но се потоа беше израмнето на средбата. „Црвено-црните“ триумфираа благодарение само на 15 одбрани на репрезентативниот голман Томовски, наспротив расположените ракометари на Алкалоид предводени од клупата од Кире Лазаров.

И Благојче Трајковски со 14 интервенции беше извонреден на голот на Алкалоид, а Вардар беше предводен од Филип Талески кој со седум гола беше најефикасен на мечот.

На премиерниот натпревар на турнирот екипата на Е. Пелистер исто така тешко дојде до триумф против домаќинот Струга со 27-23. Стружани водеа во првиот дел, но битолчани во вториот дел успеаја да го скршат отпорот.  Поради лошите временски услови, натпреварот наместо на теренот на Градската плажа во Струга, се одигра во салата „Нико Нестор“.

Во последниот денешен натпревар од 21:15 часот ќе се сретнат екипите на Бутел и Целје.

Се вчитува...