Аргентина и Холандија ќе излезат вечерва во 20 часот на мегдан на стадионот „Лусаил“, кој е со капацитет од 88.966 седишта и нема дилема дека ќе биде исполнет до последното место. Лео Меси ја предводи Аргентина, а евентуален пораз на „гаучосите“ би значел и дека ова ќе биде последниот мундијалски меч за најдобриот фудбалер на денешницата.
Во пресрет на вечерашното четвртфинале, ова се дел од статистичките податоци пред пресметката меѓу „лалињата“ и „гаучосите“.
Ова ќе биде шести дуел на Холандија и Аргентина на светските шампионати. На првиот славеше Холандија со 4-0, во Гелзенкирхен во 1974 година, но последните два меча завршија со идентични 0-0, во Франкфурт во 2006 и во Сао Пауло во 2014.
Холандија се наоѓа во серија од 19 меча без пораз по ланската елиминација во осминафиналето од ЕВРО 2020 од селекцијата на Чешка. Аргентина имаше серија од 36 меча без пораз до шокантниот неуспех од Саудиска Арабија на стартот на овој мундијал.
Аргентинците до својата прва светска круна стигнаа со триумф во финалето токму против Холандија, со победата по продолженија од 3-1 во која двоен стрелец беше Марио Кемпес.
Лео Меси има постигнато девет гола за Аргентина на светските првенства, само еден помалку од аргентинскиот рекордер Габриел Батистута.
Холандија загуби на две од трите досегашни средби што „лалињата“ на СП ги решавале со пенал-рулет. Поразени беа од Бразил во 1998 и од Аргентина во 2014, а единствениот триумф им беше над селекцијата на Костарика во 2014 година.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА