Аргентина е првиот финалист на СП во Катар, а ривалот на „гаучосите“ во неделното финале ќе биде познат по вечерашната пресметка меѓу Франција и Мароко, закажана на стадионот Ал Бајт со капацитет од 68.895 седишта.
Главна задача за Мароканците ќе биде да се запре Килијан Мбапе, кој веќе има пет погодоци на овој мундијал. Мбапе има само 23 години, а веќе зад своето име има девет гола на 12 натпревари на светските шампионати.
Мароко стана првата арапска и африканска држава со пласман во полуфиналето од еден мундијал. Селекторот Валид Реграгуи е првиот стратег од арапскиот свет што предводел селекција во нокаут фазата од светските шампионати.
Франција е првата селекција – шампион што на следниот мундијал стигнала до полуфиналето, откако Бразил го стори тоа во 1998.
Само три репрезентации досега играле на две мундијалски финалиња по ред, Бразил во 1998 и 2002, Бразил во 1958 и во 1962 и Италија во 1934 и 1938. Франција има шанса да се приклучи на ова избрано друштво.
Мароко се уште нема примено гол од противнички играч на овој мундијал. Единствениот погодок во мржата на Буну беше автоголот на Агуерд на дуелот со Канада што Мароканците го добија со 2-1.
Последниот меч меѓу Франција и Мароко беше одигран во Париз во 2007 година и заврши без победник, 2-2. Овие две селекции имаат одиграно вкупно пет официјални средби, првата во 1998 година што „триколорите“ ја добија со 2-1. Французите никогаш немаат загубено на официјален натпревар од денешниот ривал, но мора да се истакне дека овие две селекции имаат одиграно бројни натпревар во шеесеттите, седумдесеттите и осумдесеттите години од минатиот век.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА