Во пресрет на вечерашното полуфинале од Лигата на шампионите, еве дел од интересните статистички податоци поврзани со претходните настапи на Ливерпул и Рома сезонава, но и во претходните нивни настапи во европските купови.
– Најпознат дуел на овие два тима е финалето од Купот на Европските шапиони во 1984 година, што се одржа во Рим. Фил Нил го доведе Ливерпул во водство, Роберто Пруцо израмни за Рома во 43. минута. Во пенал-рулетот „црвените“ славеа со 4-2, за своја четврта европска круна.
– Последен пат Рома и Ливерпул се сретнаа во европските купови во сезоната 2001/2002 во групната фаза од Лигата на шампионите. Мечот на „Олимпико“ заврши 0-0, а Ливерпул славеше на „Енфилд“ со 2-0 со головите на Литманен и Хески, пласирајќи се во следната фаза.
– Ливерпул досега шест пати играл во европски купови против ривали од Италија, четири пати пласирајќи се во големото финале. Последен пат се сретна со Интер во осминафиналето од ЛШ во 2008 година, славејќи со 2-0 на домашен терен, потоа и со 0-1 на гостувањето на „Џузепе Меаца“.
– Ливерпул никогаш досега не ремизирал на „Енфилд“ против ривал од Италија (шест победи, четири порази). „Црвените“ претрпеа порази на две од последните три средби на домашен терен против екипи од Апенинскиот полуостров.
– „Црвените“ се без примен гол на последните четири меча на домашен терен во ЛШ, против Марибор, Спартак Москва, Порто и Манчестер сити.
– Ливерпул е без пораз на последните петнаесет домашни натпревари (десет победи, пет реми), од неуспехот против Реал Мадрид на 22 октомври 2014 година (0-3).
– Рома досега само еднаш играла полуфинале од ЛШ и се пласирала во финалето, елиминирајќи го Данди јунајтед.
– „Волчицата“ е елиминирана во последните шест нокаут пресметки од ривали од Англија. Последен пат загуби од Арсенал во осминафиналето од ЛШ во 2009 година, и тоа со изведување на пенали.
– Последните три гостувања на Рома во Англија завршиле без победник. Сезонава тимот на Ди Франческо играше во Лондон против Челси, ремизирајќи 3-3.
– Рома досега има само една единствена победа на 16 гостувања во Англија, и тоа токму на „Енфилд роуд“, со минимални 0-1 во Купот на УЕФА во 2001 година.
– „Волчицата“ ги загуби последните три гостувања во ЛШ, а од последните шест меча надвор од Рим има само една победа (против Карабах со 1-2).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА