ЕКИПА на ЕП во Хрватска,
Стеван Цаневски, Билјана Б. Петрушева, Игор Паневски
Македонија испишува историја со одличните игри и резултати во првата фаза од ЕП 2018, а заминувањето на репрезентативците за Вараждин (закажано за денеска во 11.30 часот) е идеална можност и за статистичко сумирање на стартната рунда.
„Македонија ќе стане врвна репрезентација кога нема да биде целосно „зависна“ од головите на Кире“ – порача еден ракометен познавач овде во Загреб пред стартот на премиерниот дуел со Словенија.
И навистина, ние играме врвен ракомет, капитенот е лидер како и секогаш, но бројот на погодоци е одлично распореден низ целата репрезентааија. Прв стрелец во групната фаза е Дејан Манасков со 17 погодоци, еден повеќе од Филип Лазаров, а двоцифрен е само уште Филип Талески со десет.
Лазаров е прв асистент со 14 додавања до соиграчите за гол, пред Миркуловски со 11 и Стоилов и Талески со по пет. Кога станува збор за одбраната, Миркуловски е најдобар „крадец“ со две одземени топки, додека македонските ракометари на овој шампионат имаат и четири блокади, по една на Стоилов, Јоновски, Талески и на Филип Лазаров.
Од оние кои влегоа во игра меѓу стрелците не се запишаа единствено дефанзивците Јоновски и Велко Маркоски, а мора да се истакне перфектниот ефект на Пешевски и на Филип Лазаров, кои постигнаа шест, односно пет погодоци од исто толку обиди кон противничкиот гол.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА