Комплетирањето на првото коло со вчерашните натпревари од групата Ф значеше и можност за статистичка анализа на прикажаното на репрезентациите на самиот почеток од ЕВРО 2020. Македонија се наоѓа на првото место во една категорија, онаа за направени прекршоци, откако нашите фудбалери направија 16 фаули за време на натпреварот против Австрија. По еден прекршок помалку во првото коло на своите натпревари направија репрезентативците на Полска (против Словачка) и на Португалија (против Унгарија). Нашите фудбалери се наоѓаат на делба на четвртото место (со Полска) по бројот на претрпени фаули откако Австрија направи 13 прекршоци против „црвено-жолтите“.
Александар Трајковски е еден од ретките фудбалери кои направија четири фаули во првото коло (заедно со Данило од Португалија, Ојунчу од Турција, Вегхорст од Холандија, Рибус од Полска), а повеќе од нив има само Словакот Куцка, кој петпати ги фаулираше противничките фудбалери на мечот со Полска. Енис Барди е вториот најфаулиран играч во првото коло, над него Австријците направија дури пет прекршоци. Повеќе од Барди фаулиран беше само унгарскиот напаѓач Шалаи, кој вчера беше шест пати фаулиран од португалските фудбалери.
Двата жолти картони придонесоа Македонија да се најде на делба на второто место за селекции со најмногу вакви опомени на стартот од шампионатот. Повеќе картони од Македонија има само Хрватска (три), а исто колку нашите фудбалери добија и селекциите на Полска, Финска, Унгарија, Турција и Швајцарија.
Одбраната не функционираше најдобро, па нашата репрезентација е една од петте што примија по три гола во првото коло, заедно со Турција, Унгарија, Украина и Русија.
„Црвено-жолтите“ се наоѓаат при дното и кога станува збор за прецизноста во додавањата, каде Македонија со 72% се наоѓа на само 21. место од вкупно 24 репрезентации (ист процент како нашата селекција има и Чешка), а послаби се само Финска со 66 и Шведска со 59% успешност во додавањата.
Индивидуално, Елиф Елмас и Енис Барди имаа по три успешни дриблинзи против Австрија, колку што во првото коло имаа и фудбалски „ѕвезди“ како Де Јонг, Канте, Бернардо Силва, Педри… Најуспешни во оваа категорија во првата рунда од ЕВРО 2020 со по шест успешни дриблинзи се Спинацола (Италија), Депај (Холандија), Џејмс (Велс), Емболо (Швајцарија) и Бреитвајт (Данска).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА