Четвртфиналните возбудувања на СП 2022 ќе продолжат со денешниот меч на стадионот Ал Тумама во Доха, каде со почеток во 16 часот силите ќе ги одмерат Португалија и Мароко.
Мароканците приредија големо изненадување со триумфот над Шпанија во осминафиналето, па денеска ќе се обидат да земат скалп на уште еден европски гигант и да станат прва африканска селекција со пласман во едно мундијалско полуфинале.
Гонсало Рамос против Швајцарија го постигна првиот хет-трик на овој светски шампионат, со што младиот голгетер на Бенфика си го зацементира местото во стартниот тим и за денешното четвртфинале, што значи ново греење на клупата од страна на Кристијано Роналдо.
Мароко се уште нема примено гол од противнички фудбалер на СП 2022. Единствениот погодок што Мароканците го примија на овој мундијал беше автоголот на Агуерд на дуелот со Канада.
Со 39 години и 283 дена, Пепе на дуелот со Швајцарија стана највозрасен фудбалер во историјата на СП што постигнал гол на меч од нокаут-фазата на еден мундијал.
Двете селекции имаат одиграно два меѓусебни дуели, и двата на светските шампионати. Мароко славеше со 3-1 на СП 1986, додека Кристијано Роналдо донесе минимална победа од 1-0 на дуелот одигран пред четири години, во групната фаза од СП во Русија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА