ЕКИПА во Виена,
Стеван Цаневски
Кире Лазаров е предводник на Македонија и најдобар стрелец на поголемиот дел од натпреварите, но на нашиот капитен особено му „лежи“ играта на чешкиот состав, против кој често остварува и двоцифрен ефект.
Бројките велат дека од последните шест натпревари меѓу Македонија и Чешка на кои настапил Лазаров (го пропушти последниот дуел во Вараждин на ЕП 2019), македонскиот капитен дури четири пати постигнал најмалку десет погодоци.
Десниот бек на „црвено-жолтите“ беше во главна улога на ЕП во Хернин, Данска во 2014 година. Македонија и Чешка ремизираа 24-24, резултат кој значеше голем чекор напред кон следната фаза, а Лазаров постигна 12 од вкупно 24-те гола на нашиот национален тим.
Во квалификациите за ЕП 2016 македонската репрезентација ремизираше во Злин против Чешка со 27-27, по големиот камбек откако на полувреме губеше со седум гола разлика (18-11). Најзаслужен повторно беше Лазаров, кој постигна десет погодоци, пред Миркуловски со пет и Манасков со три гола. Дојде ред Чесите да гостуваат во Скопје и загубија со 32-28, а им пресуди токму македонскиот капитен со 11 погодоци.
Во баражот за влез на СП 2017 Чешка славеше на првиот натпревар со 28-22, дуел на кој македонскиот капитен постигна осум гола. И тие „плус шест“ не им беа доволни на Чесите бидејќи во Скопје загубија со 34-27 и Македонија отпатува на СП во Франција. Манасков беше најдобар стрелец на таа средба со 11 погодоци, пред Лазаров со осум и Миркуловски со шест постигнати гола.
Последните две средби на кои Кире Лазаров им се спротивстави на Чесите беа оние во квалификациите за ЕП 2018, постигнувајќи вкупно 20 гола, девет во поразот од 35-28 во Плзен и единаесет во убедливата победа од 33-20 во Скопје.
За Македонија да стигне до посакуваната победа денеска, неопходно е оваа серија на капитенот да продолжи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА