Нема помрднување од „мртвата точка“ за битолски Пелистер во обидите за стабилизација на клубот и конечен почеток на подготовките за пролетниот дел од шампионатот.
Повеќе од јасно е дека „зелените“ се соочуваат со една од најголемите свои кризи од постоењето, а некако ги има постојано со битолскиот клуб во независна Македонија, но како да нема на повидок решение за целокупната ситуација која е „статус кво“. Најжална за Пелистер е најавата, можеби, и за покренување стечајна постапка за Акционерското друштво што за битолчани може да значи и преселба во најнизок ранг на натпреварување. И, почеток од нула!
А, пред само една недела „фрчеа“ ултиматуми од сите страни за подмирување на долговите кон клубот и за надминување на проблемите, но ништо од тоа не донесе некаков резултат. Општина Битола ги повика досегашните акционери, компаниите на Орце Камчев, да ги подмират долговите во висина од повеќе од 150.000 евра кон поранешниот тренер и кон фудбалерите за плати, со ултиматум сето тоа да се исплати за еден ден. Но, на тој повик, акционерите испратија соопштение повикувајќи ја Општина Битола да си го подмири долгот кон нив во висина од 100.000 евра кој, пак, е направен од поранешните власти на општината и претходниот градоначалник Владимир Талевски.
На крајот, со ултиматум до двете инволвирани страни за надминување на несаканата ситуација се јавија и „Чкембарите“, со закана и доколку не се случи тоа дека тие ќе ги преземат нештата во свои раце. Но, на крајот и по седум дена од сето единствено и натаму е јасно дека ФК Пелистер е „мртов“!
Желен за изнаоѓање вистинско решение во својот клуб искрено, се чини, единствено е тренерот Спасе Ристевски од кого дел од јавноста очекува да ги почне подготовките со фудбалерите со кои ги има на располагање.
„Но, како да повикам почеток на некакви тренинзи кога немаме ни седум фудбалери. Мора за брзо да се надмине целокупната оваа неизвесна ситуација. Пелистер не го заслужува ова“ – вели Ристевски, една од иконите на битолскиот прволигаш.
А, Пелистер во зимскиот преоден рок остана буквално без комплетниот прв тим. Наскоро, ако нареднава недела не се надминат недоразбирањата, може да остане и без многу повеќе!
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА