Елиф Елмас уште од почетокот на летово се најде на листата на фудбалери кои се наоѓаат на излезна врата во Лајпциг, но на десетина дена до крајот на преодниот рок македонскиот ас се уште се наоѓа во клубот во кој не доби вистинска шанса да ги покаже своите квалитети.
Наполи и Торино покажаа сериозен интерес да го вратат Елмас назад во Серија А, Бешикташ имаше богата понуда од Турција, а во трката од неодамна се вклучи и премиерлигашот Вест Хем, но ниту еден од овие клубови не успева да најде заеднички јазик со раководството на Лајпциг.
Според весникот „Билд“, проблем се барањата на германскиот клуб кој инсистира на перманентен трансфер, додека понудите од Италија и од Турција биле само за позајмица. Вест Хем е подготвен да преговара за трансфер, но Лајпциг барал 20 милиони евра од лондонскиот клуб, сума што се оценува како превисока.
Останува да се види конечна разврска, но едно е сигурно – инаетот на раководството на Лајпциг не води кон ништо добро, ниту за самиот клуб, а уште помалку за Елмас кому од новиот стручен штаб веќе му беше кажано да не се надева на улога во тимот во новата сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

