Ставрев ќе суди во Белгија, Пројковска во Холандија

Македонските интернационални фудбалски судии во текот на оваа недела ќе бидат доста ангажирани од Судиската комисија на УЕФА што е уште еден доказ дека добро си ја вршат својата работа на терените во Европа.

Нашиот најдобар судија Александар Ставрев во Белгија ќе го суди дерби мечот од третото коло во групата „Ф“ , во Конференциската европска лига меѓу Генк и Ференцварош од Будимпешта што се игра на 26 октомври. Ќе му помагаат Дејан Костадинов и Гоце Петровски, четврти судија ќе биде Марјан Дејановски. Во оваа група на табелата по второто коло водат Генк и Ференцварош со по 4 бода. Генк го победи Чукарички со 2:0, со Фиорентина играше нерешено 2:2, додека Ференцварош го совлада Чукарички со 3:1, а со Фиорентина исто како и Генк играше нерешено 2:2.

Најдобриот женски судија во Македонија Ива Пројковска, која е во групата на 20 елитни европски судии , речиси и нема време за одмор. Туку што се врати од Париз каде го судеше мечот во женската лига на европските шампиони меѓу Пари Сен Жермен и Манчестер јунајтед /1:1/,¬ а веќе ги спаскува куферите и утре ќе отпатува за Холандија каде ќе го суди натпреварот меѓу рептрезентациите на Холандија и Шкотска во рамките на женската лига на европските нации. Мечот се игра на 27 октомври во градот Нејмиген. Во својата куса но богата кариера Пројковска за првпат ќе им суди на фудбалерките на Холандија. Ќе и помагаат Елена Соклевска-Илиевски и Вјолца Изеири, четврти судија ќе биде Ирена Велевачкоска-Ристевски.

Веќе напишавме дека ќе патува и Игор Стојчевски, кој на 26 октомври ќе биде главен судија на мечот на младите екипи во Лигата на европските шампиони меѓу Лајпциг и белградска Црвена звезда. Ќе му помагаат Слаѓан Марковски и Куштрим Лика.

На европската сцена, овојпат во футсал ќе се појави младиот и перспективен судија Марјан Младеновски кој ќе биде еден од четворицата судии од Европа на главниот турнир, што ќе се одржи во Плзен, Чешка од 24 до 29 октомври во рамките од квалификациите за Европското првенство. Ќе учествуваат прваците во футсал на Летонија, Данска ,Чешка и Босна и Херцеговина. Победникот од овој турнир потоа ќе игра во елитната група. Покрај Младеновски, на турнирот во Плзен ќе судат двајца судии од Португалија и еден од Украина. Да потсетиме дека Марјан Младеновски во неделата во Кратово успешно го отсуди дербито во Супер лигата на Македонија меѓу Силекс и Тиквеш/1:0/.

Во спортскиот центар во Стара Пазова, Србија од вчера се наоѓаат Јован Качевски и Дејан Василевски кои од страна на Судиската комисија на УЕФА се одредени заедно со уште тројца судии, да судат на квалификационот турнир за настап на европското првенство, играчи до 17 години. На турнирот, кој ќе заврши на 29 октомври, учествуваат репрезентациите на Србија, Луксембург, Словенија и Азербејџан.
Денес за Будимпешта патува и претседателот на Судискиот одбор на Македонија Димитар Мечкаровски кој од 25 до 31 октомври ќе го контролира судењето на квалификациониот турнир за настап на Европското првенство, играчи до 17 години. На турнирот ќе учествуваат репрезентациите на Бугарија, Унгарија, Босна и Херцеговина и Андора.

Списокот на македонските патници кои ќе се појават оваа недела на европската сцена ќе го завршиме со менаџерот за фудбал во ФФМ Жаре Игњатовски кој на 26 октомври ќе биде во улога на организациониот директор во групната фаза во Конференциската лига на натпреварот во Загреб меѓу Динамо и Викторија Плзен од Чешка.

М.М

Се вчитува...