Ставрев ќе суди во Берлин, Поповски директор на мечот Милан – Челси

Нема одмор за претставниците на Фудбалската федерација на Македонија во комисиите на УEФА. Во текот на оваа недела повторно ќе бидат ангажирани во натпреварите во Европските купови.

Нашиот најдобар судија, интернационалецот Александар Ставрев ќе биде главен судија на реванш мечот во Лига на Европа во Берлин, на 13. октомври, меѓу клубовите Унион Берлин и Малме од Шведска. Ќе му помагаат Дејан Костадиновски и Куштрим Лика, четврти судија ќе биде Јован Качевски. Ова е првпат Ставрев да му суди на Унион Берлин, додека во својата богата кариера на двапати ја делеше правдата на Малме, на мечевите Малме –Бешикташ /2-0/ 2018 и Динамо Киев- Малме /1-0/ 2019 година.

Генералниот секретар на ФФМ Филип Поповски на 11. октомври повторно ќе патува за Милано каде на 12. октомври ќе биде организационен директор на мечот од Лигата на шампиони меѓу Милан и Челси.

Ќе има работа и претседателот на Комисијата за безбедност и интегритет на ФФМ Роберт Марковиќ кој на 12. октомври ќе биде одговорен за безбедноста на натпреварот во Лигата на шампиони меѓу Наполи и Ајакс.
Многу одговорна задача доби и нашиот млад интернационален судија Игор Стојчевски кој во Варшава на 11 октомври , на неутрален терен ќе го суди мечот во Лигата на шампиони меѓу младите еклипи на Шахтјор од Украина и Реал Мадрид кој одлучува за првото место во групата, што е признание за еден млад судија од Македонија. Ќе му помагаат Даниел Василевски и Слаѓан Марковски.

Нема одмор и за најдобрата судијка од Македонија Ива Пројковска, која е во елитната група на европски судии. Таа минатата недела во Португалија беше четврти судија на средбата од квалификациите за Светското првенство за жени меѓу Португалија и Белгија /2:0/, а сега на 11 октомври повторно ќе биде ангажирана како четврти судија во истото натпреварување во Цирих на средбата Швајцарија -Велс. Тој меч го судат судии од Шведска /главен/ и од Естонија и Кипар како помошни.

Написот ќе го завршиме со тројцата наши најдобри судии за натпреварите во футсал: Јосип Бартон, Марјан Младеновски и Доне Ристовски кои штотуку се вратија од Грузија каде во Тбилиси го судеа  квалификациониот натпревар за Светското првенство во футсал меѓу Грузија и Белгија /4:2/. За првпат една судиска тројка од Македонија судеше еден меѓународен меч, досега судеа по двајца, што јасно говори за важноста на натпреварот во Тбилиси и за нивното досегашно судење на меѓународната сцена во футсал /М.М/

Се вчитува...