Ставрев ќе суди во Данска, Божиновски контролор во Молдавија

Нема одмор за македонските претставници на листите на УЕФА и оваа недела. Нашиот најдобар фудбалски судија, интернационалецот Александар Ставрев на 16 септември ќе го суди мечот од првото коло во групната фаза на Лига на Европа во Копенхаген меѓу Бронби и Славија од Прага. Ќе му помагаат Дејан Костадинов и Куштрим Лика. Четврти судија ќе биде Игор Стојчевски.

Претседателот на Судискиот одбор на Фудбалската федерација на Македонија Емил Божиновски повторно ќе патува за Молдавија. Ќе го контролира судењето на мечот од првото коло од групната фаза во Лига на шампионите меѓу екипите на Шериф и украинскиот шампион Шахтјор од Донецк. Мечот се игра на 15 септември во градот Тираспол. Интересно е да се напише дека минатиот месец Божиновски беше контролор на натпреварот меѓу Шериф и Црвена звезда.

Генералниот секретар на ФФМ Филип Поповски исто така е ангажиран од страна на УЕФА. Тој на 16 септември ќе биде организационен директор на средбата од првото коло од групната фаза на Конференциската лига меѓу чешкиот претставник Јаблонец и екипата Клуж од Романија. Во Чешка Поповски патува за да на овој меч го обучи домашниот претставник за наредните мечеви на Јаблонец. Инаку, Поповски до крајот на сезоната ќе биде организационен директор на натпреварите на Милан кога тој ќе ги игра средбите на домашен терен во Лига на Европа.

Во текот на оваа недела ќе биде ангажирана од страна на Судиската комисија на УЕФА и нашата најдобра судијка, интернационалката Ива Пројковска. Таа на 18 септември ќе го суди квалификациониот меч за Светското првенство за жени меѓу Германија и Бугарија. Ќе и помагаат Вјоса Изеири и Елена Соклевска-Илиевски. Четврта судијка ќе биде Ирена Велевачковска. Средбата се игра во градот Котбус.

Се вчитува...