И четвртото коло во европските фудбалски купови не може да мине без претставници од Македонија, што е потврда дека успешно ја вршат својата работа. Менаџерот за фудбал во ФФМ Жарко Игњатовски на 7 ноември во Плзен, Чешка ќе биде организационен директор на мечот во Лига на Европа меѓу Викторија Плзен и шпанскиот претставник Реал Социедад. Досега во изминатите три кола Викторија Плзен на сите мечеви играше нерешено, со Ајнтрахт Франкфурт 3:3, Лудогорец 0:0 и ПАОК 2:2. Еве ги и резултатите на Реал Социедад во трите изминати кола: Макаби Тел Авив 2:1, Ница 1:1 и Андерлехт 1:2.
Нашиот најдобар фудбалски судија, интернационалецот Александар Ставрев исто така ќе суди во 4. коло во Лига на Европа. Тој ќе ја дели правдата во Летонија на мечот меѓу РФС од Рига и Андерлехт од Белгија. Натпреварот се игра на 7 ноември. Ќе му помагаат Дејан Костадинов и Гоце Петрески, четврти судија е Игор Стојчевки. Тој до 5 ноември судеше на квалификациониот турнир во Србија, играчи до 17 години , за учество на Европското првенство. Стојчевски директно од Србија отпатува за Рига. На досегашните три средби РФС ги постигна овие резултати: со Ајнтрахт Франкфурт 0:1, Галатасарај 2:2 и Стеауа /Букурешт/ 1:4.
Интересно е да се напише дека нашиот поранешен најдобар судија, денес истакнат контролор на судењето во УЕФА Емил Божиновски беше пред две недели контролор на мечот меѓу Ајнтрахт Франкфурт и РФС од Рига.
М.М.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА