Ставрев контролор во Австрија во Конференциската лига, Стојчевски ќе суди во Чешка

Патешествијата по европските стадиони на меѓународните натпревари продолжуваaт за македонските претставници во УЕФА и во октомври, што јасно покажува дека комисиите на европската куќа на фудбалот имаат доверба во нив.

Поранешниот наш најдобар фудбалски судија Александар Ставрев, сега во нова улога како контролор, на 23. октомври ќе го оценува судењето во второто коло во Конференциската лига на Европа во Виена меѓу домашниот Рапид и Фиорентина. Со оглед дека судиската четворка е од Израел, исто така и ВАР судиите, натпреварот  од страна на УЕФА е прогласен за висок ризик.

Игор Стојчевски ќе патува за Чешка каде утре ќе биде главен судија на квалификацискиот натпревар за УЕФА европската младинска лига за играчи до 19 години меѓу Острава и Црвена звезда од Белград. Ќе му помагаат Ристо Георгиев и Вјолца Изеири.

Јован Качевски од Струга ќе го суди исто така мечот од УЕФА младинската лига до 19 години во Грац меѓу клубоите на Австрија и Макаби од Хаифа. Ќе му помагаат Даниел Василевски и Давор Цветановски. Поради екипата од Израел и овој меч од страна на УЕФА е прогласен за висок ризик.

Влатко Илиоски, пак, ќе суди на мечот во младинската Лига на шампиони, меѓу Викингур од Фарски Острови и Генк од Белгија. Ќе му помагаат Куштрим Лика и Зоран Јанкуловски.

Влатко Илиоски од Прилеп немаше време ниту да се одмори пред патот за Фарски Острови бидејќи од 7 до 15 октомври судеше во Франција, во Бордо, на квалификацискиот турнир за настап на европското првенство, играчи до 17 години, заедно со помошниот судија, Кристијан Џонов. Беше главен судија на натпреварите Романија-Израел и Франција- Израел. На турнирот играше и репрезентацијата на Азербејџан.

М.Мицковиќ

Се вчитува...