ЕКИПА во Амстердам
Најискрен настап на еден македонски репрезентативец по Европското првенство на секогаш отворениот Стефан Ристовски кој дефинитивно е новиот лидер на македонската репрезентација
Со вистински лидерски настап Стефан Ристовски прв истапи дека не е задоволен со самото учество на ЕВРО 2020, истакнувајќи дека оваа генерација мора и може многу повеќе од тоа што го демонстрираше во Букурешт и во Амстердам.
„Доста се тешиме само со тоа што сме само тука на Европско првенство, и дека сме некакви херои. Јас не се задоволувам само со учества, но некои фудбалери не може да разберат дека фудбал се игра 90 минути. Да, направивме успех со пласманот на Европското првенство, но јас дојдов тука со амбиции да дојдеме до резултат, до бодови, а не да бидеме туристи. Јас сакам и во иднина да постигнувам резултатски успеси за Македонија, затоа што знам дека можеме, а не да се палиме само со атмосфера“ – истакна Ристовски по денешниот пораз од Холандија, притоа дополнувајќи:
„Да, сакам да се заблагодарам на сите навивачи и за целата македонска јавност за поддршката, но ние не одговоривме на терен онака како што ветувавме и планиравме. Мора сите да знаеме дека можеме до успеси, а не само да бидеме присутни на терен. Но, добро оставаме малку и на тоа што сме првпат, емоциите работат и веројатно ќе извлечеме сите поуки какви што треба. Сега сакам да се заблагодарам на Пандев, Тричковски, Велкоски кои завршуваат со репрезентативниот дрес. Горд сум на оваа генерација, и затоа се овие зборови дека можеме многу повеќе. Мора да кажам дека не постои личност како Горан и вечно ќе ги паметиме овие моменти со него. Му благодариме за се што направи за нас, но мора да продолжиме да го радуваме и него со позитивни резултати во иднина“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА