Огромна прашина се подигна во хрватската фудбалска јавност околу заминувањето на македонскиот репрезентативец Стефан Ристовски од Ријека и потпишувањето договор со португалскиот гигант, Спортинг Лисабон.
Претседателот на Ријека, Мишковиќ тврдеше дека Ристовски инсистирал на заминување не сакајќи да го продолжи договорот и да игра за тимот, врз основа на која дотогаш миленикот на навивачите на Ријека, Стефан Ристовски наиде на силна осуда… Но, приказната има и друга вистина. Онаа на македонскиот репрезентативец кој вели дека Ријека, и нејзиното раководство, се тие кои сакале да замине од клубот, веројатно како сега би заработиле од продажбата на Ристовски.
„Презадоволен сум од трансферот затоа што притисокот врз мене овие денови беше огромен. Од друга страна жал ми е што се разделив со Ријека на овој начин. Но, мора да кажам дека не е се така како што кажа претседателот Мишковиќ. Сакам да им порачам на навивачите на Ријека дека не сум јас тој кој што сакаше да замине од клубот“ – вели Ристовски во разговор за „Спортске новости“ и дополнува:
„Во ниту еден момент од клубот не ми понудија нод договор. Цело време на маса беше само разговор за трансфер, така да јасно е дека Ријека сама одлучи да ме продаде. Јас ако требаше сакав цел живот да играм за Ријека, тоа го кажувам јавно и отворено. Од минатото лето во клубот нагласуваа дека сакаат да ме продадат за да заработат, и тоа се случи сега. Откако почнавме со натпреварите во ЛШ, Спортинг Лисабон навистина силно загриза и инсистираа уште по првиот натпревар со Салцбург да одам кај нив. Но, после тој двомеч ми кажаа дека работата со тансферот е завршена“.
Ристовски информира дека бил тргнат од страна на стручниот штаб на Ријека на последните тренинзи да не тренира со тимот.
„Кога последниот ден на тренингот на Ријека ме тргнаа да тренирам одвоено од тимот јас трчав и плачев. Тешко ми падна, затоа што не сакав на таков начин да се разделам со овој клуб, мислам дека сепак заслужив малку повеќе. Не требаше да ме испратат како Тоти, но навистина ги засакав тој клуб и тој град. Сакав некои работи да бидат малку поинакви, но што е тука е. Сега продолжувам понатаму“ – вели Ристовски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА