Првиот Македонец во ФИА Формула натпреварите ја заврши својата прва целосна сезона во Формула 4 со тимот „ЈМТ Рејсинг“, на легендарната патека каде се вози и Формула 1.
Изминатиот викенд македонскиот спорт доби нов историски момент. Младиот Стефан Тренески на Хунгароринг ја заврши својата прва целосна сезона во ФИА Формула 4 Централна Европа (Ф4 ЦЕЗ) — како првиот Македонец во ФИА Формула натпреварите.
Тоа е најголемиот досегашен чекор на македонскиот автоспорт, цела сезона во најпрестижната и најсилна категорија на светскиот моторспорт — формула натпреварите — против елита од возачи од целиот свет, на патеки од највисоко ниво.
Од Академија до цела сезона во Формула 4
Во 2025 Тренески ја освои Ф4 ЦЕЗ Академијата и го заслужи правото да дебитира во серијата. Кон крајот на 2025 дебитираше со „Јаник Моторспорт“, а во 2026 влезе полноправно во шампионатот со чешкиот тим ЈМТ Рејсинг, зад воланот на болидот со број 427, Tatuus F4 T-421.

Финале на Хунгароринг: квалификации, драма, борба до крај
Големото финале на сезоната се возеше на легендарната Формула 1 патека Хунгароринг кај Будимпешта.
Тренески го отвори викендот со 4. место на тренинзите од 38 натпреварувачи и со тоа веднаш покажа дека има брзина и дека на последната трка од сезоната ќе биде во можност да се бори за места на подиумот на Хунгароринг.
На квалификациите беше седми, одлично ја започна трката, се бореше за највисок пласман, но за жал поради престрогата казна од 10 секунди на судиите, поради минимално преклопување на предното крило при рестартот со друг натпреварувач, официјално беше класифициран на 11. место.
На финалната трка, за жал при контакт на самиот старт од друг натпреварувач му беше оштетен пневматикот и не можеше да го заврши натпреварот.
Поглед кон 2027
По завршувањето на дебитантската сезона, за Стефан веќе покажуваат интерес посилни тимови од серијата за следната сезона — знак дека неговиот развој и настапите во Формула 4 се забележани на повисоко ниво. Деталите за преговорите се во тек и ќе бидат објавени во наредниот период.

Зошто ова е големо за Македонија!?
Формула 4 е официјален ФИА влез во формула пирамидата. Тренески се натпреварува во меѓународна конкуренција од возачи и тимови од целиот свет на патеки како Ред Бул ринг, Словакиа ринг, Мост, Брно и сега Хунгароринг — истата патека каде се вози Формула 1 Гран при на Унгарија. За мала земја без долга традиција во формула натпреварите, самата присутност и цела сезона на ова ниво се пробив што досега не постоел во македонскиот автоспорт.
Стефан Тренески е доказ дека и од Македонија, преку симулатор, Академија и чиста волја, може да се стигне на светските формула патеки.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
