Рахим Стерлинг се посериозно ја разгледува опцијата за заминување од Манчестер сити и трансфер во Реал Мадрид, откако англискиот репрезентативец ја одби понудата за продолжување на соработката со „граѓаните“. Иако ја игра својата најдобра сезона по трансферот од Ливерпул, Стерлинг не е подготвен да го стави својот потпис на новиот долгорочен договор со Сити што му бил понуден од страна на Пеп Гвардиола и клупската управа.
Тој моментно заработува 180.000 фунти неделно, а понудата изнесувала 230.000 фунти, но Стерлинг бил незадоволен очекувајќи сума од 300.000 фунти неделно. Кај „граѓаните“ не постои расположение да се задоволат овие барања на офанзивецот, но Гвардиола инсистира на негово останување, особено во ситуација кога зимава не успеа во намерата да го доведе Алексис Санчез во својот тим.
Целата ситуација будно ја следат челниците на Реал Мадрид, кои не ја кријат желбата да го доведат овој фудбалер на „Сантијаго Бернабеу“. Шпанските медиуми најавуваат „ремонт“ во Реал за наредната сезона, а Стерлинг многу подобро би се снашол во улогата на крилен офанзивец во однос на Герет Бејл, кој се наоѓа на излезна врата од Мадрид. Подготвена е и понуда од 70 милиони евра за Сити, сума што „кралевите“ очекуваат да ја вратат со продажбата на Бејл, но останува да се види дали Пеп Гвардиола ќе даде зелено светло за овој трансфер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА