Стерлинг го реши и Њукасл, серијата на Манчестер сити продолжува

Манчестер сити продолжува да ја докажува својата несовладливост на англиската фудбалска сцена откако „граѓаните“ вечерва славеа на гостувањето против Њукасл, за своја 18. премиерлигашка победа во низа. Конечниот резултат 0-1 не е реална слика за натпреварот во кој избраниците на Пеп Гвардиола тотално доминираа, создадоа бројни шанси, но на крајот еден гол се покажа доволен за да стигнат до трите бода.

Рахим Стерлинг повторно беше човек на одлука, погаѓајќи на асистенција на Де Бруин во 32. минута. Агуеро, Хесус и Де Бруин сите имаа одлични шанси и за втор гол на Сити, но тимот на Гвардиола овојпат застана на само еден постигнат погодок, сосема доволен за нова победа.

Њукасл цел натпревар се наоѓаше во подредена улога, но „црно-белите“ во самиот финиш се најдоа во ситуација да го шокираат лидер на табелата, доколку Гејл со глава од идеална позиција од пет-шест метри погодеше наместо да шутира крај левиот дирек на Едерсон. Манчестер сити со најновата победа, но и вчерашното реми на Манчестер јунајтед со Барнли, сега има огромни 15 бода предност во однос на градскиот ривал.

Се вчитува...