Челси заврши одлична работа пред крајот на преодниот рок ослободувајќи се од неколку фудбалери кои не беа дел од плановите на Енцо Мареска, но „сините“ не успеаја да го комплетираат заминувањето на еден од најплатените играчи во тимот, Рахим Стерлинг.
Поранешниот англиски репрезентативец воопшто не е дел од плановите на Мареска, лани беше испратен на позајмица во Арсенал, но ниту таму не доби преголема минутажа од Микел Артета. Стерлинг се врати назад во Челси, минатиот месец имаше неколку понуди од англиски премиерлигаши, но ниту еден од нив не успеа да најде заеднички јазик со „сините“ за да го доведе во своите редови.
Трансферите пропаднаа, преодниот рок во Англија заврши, но во Челси се надеваа дека би можеле да најдат купец за поранешниот ас Манчестер Сити и Ливерпул во Турција или во Саудиска Арабија. Веднаш стигна одговорот од Стерлинг и од неговиот агент – Рахим не сака да замине од Англија и воопшто нема да ги разгледува ваквите понуди.
Ова практично значи дека тој е подготвен да остане на „Стемфорд бриџ“, да тренира и со младинците ако така му биде наредено, но и да ја зема огромната плата од 300.000 фунти неделно, во следните две години колку што му е актуелниот договор.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

