Рахим Стерлинг е подготвен да потпише нов договор со Манчестер Сити и дефинитивно да ја затвори вратата за заминување од таборот на „граѓаните“, но само доколку тоа го стори и менаџерот Пеп Гвардиола. Англискиот репрезентативец минатиот ноември потпиша нов договор со Сити, но во ситуација кога Реал Мадрид најавува офанзива за негов потпис, челниците на англискиот првак сакаат да му понудат уште подобри услови за да го отфрли интересот од најтрофејниот европски клуб.
Стерлинг начелно ја прифатил понудената плата од 300.000 фунти неделно (со актуелниот договор заработува 250.000 фунти неделно), но потписот на новиот договор го врзал со останувањето на Гвардиола. Имено, офанзивецот има беспрекорна соработка со Пеп, кого го смета за најзаслужен за големиот напредок во кариерата во последните неколку сезони. Токму поради тоа Стерлинг во преговорите поставил само еден услов кој воопшто немал врска со финансии – Гвардиола исто така да потпише долгогодишен договор.
Трофејниот тренер има договор до 2021 година, во меѓувреме е поврзуван со враќање во Баерн Минхен, па интересно ќе биде да се види дали Сити ќе успее да ја продолжи соработката со него.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА