Стигна плата, изгасен „пожарот“ во Работнички

Работнички како актуелен шампион на Македонија продолжува во победнички ритам и во новата сезона, во која избраниците на Марин Докузовски забележаа шест победи во своите први шест натпревари. За жал, напоредно со добрите резултати се повторуваат и старите навики на раководството на најтрофејниот клуб, поврзани со доцнењето на платите што треба да ги добијат кошаркарите и членовите на стручниот штаб. Малку недостигаше новите долгови да ја зовријат атмосферата во таборот на „центарци“, но за среќа ситуацијата се стабилизира – па играчите денеска ќе добијат плата, за смирување на нервозата пред дерби-дуелот со Блокотехна.

Од стартот на сезонава кошаркарите на Работнички имаа добиено само половина плата, што придонесе во изминатите триесетина дена нервозата меѓу нив се повеќе да расте. Ветувањето дека пари ќе стигнат пред вечното дерби со МЗТ не било исполнето, исто како и она дека платата ќе биде исплатена по големата победа на ривалот, во текот на минатата седмица. За среќа на „центарци“, „пожарот“ е спречен на почетокот од оваа седмица, откако на сметката на клубот конечно легнаа пари што експресно ќе бидат префрлени на членовите на тимот и на стручниот штаб. Неофицијално, во следните петнаесетина дена кошаркарите на Работнички би требало да добијат уште по една плата, со што состојбата во актуелниот првак на Македонија на финансиски план целосно би се стабилизирала.

Наспроти успесите на теренот, Работнички со години наназад важи за еден од најнеисполнителните клубови кога станува збор за обврските кон кошаркарите. Време е тој тренд да престане, па „црвено-белите“ да почнат да си го враќаат реномето и на тој план, откако лани го прекинаа и долгогодишниот пост без титула.

Се вчитува...