Остоја Стјепановиќ од денеска е ново име во таборот на македонската репрезентација, откако селекторот Ангеловски реши дополнително да го повика интернационалецот од Полска, во случај Стефан Спировски да не добие зелено светло за настап на гостувањето против Лихтенштајн на 24 март. Имено, делегатот на натпреварот Лихтенштајн – Македонија на ден пред натпреварот ќе одлучи дали нашиот репрезентативец Стефан Спировски може да настапи со имобилизатор на шаката кој мора да го носи поради повредата на десната шака.
Фудбалерот од средниот ред на Вардар има фрактура на базата на палецот од десната шака и поради тоа мора да носи ортоза (имобилизатор) во наредниот период, пред се заради превенција од наредна повреда. Лекарскиот тим во македонската репрезентација вели дека се работи за скршеница за која се очекува дека во период од три месеци ќе зарасне без компликации.
Иако се очекува делегатот на натпреварот во Вадуц да даде дозвола за негов настап на пресметката во петок, сепак селекторот на А репрезентацијата Игор Ангеловски одлучи да го вклучи во тимот и Остоја Стјепановиќ од полски Вроцлав. Стјепановиќ денеска ќе му се придружи на репрезентативниот состав и ќе биде во комбинација за настап против Лихтенштајн.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА