Стјепановиќ: Време е за прва победа на Пелистер, подобри сме од Требње

Еурофарм Пелистер вечерва ќе го игра својот четврти натпревар од групната фаза во Лигата на Европа, на гостинки терен против Тримо Требње од Словенија.

По едно реми и два порази, „пелистерци“ се надеваат дека конечно ќе се израдуваат на првата европска радост.

„Мислам дека сме поквалитетна екипа од Тримо Требње, но тие играат многу брзо, што и го покажаа против Татабања. Унгарците се многу добра екипа, а тие успеаја да ги победат. Одиме со респект, но имаме императив на победа. Секогаш постои притисок. И кога сте поквалитетни екипа и кога не сте – секогаш постои тој притисок. Ние сме поквалитетна екипа и се надевам на позитивен резултат“, изјавува десниот бек Невен Стјепановиќ.

Десниот бек лани беше еден од клучните играчи во таборот на битолчани, се до тешката повреда што подолго време го оддалечи од терените.

„Моментално се чувствувам одлично. Што повеќе време минува, се враќам во форма. Одигравме неколку официјални натпревари, влегувам во ритам. Не можам да речам дека целосно се вратив во ритам, но се трудам колку што можам. Дури сега гледам колку е тешко да се враќаш од вака тешка повреда. За жал заради овој коронавирус немавме многу натпревари, баш тие ми недостигаат. Но, се надевам на подобри времиња и добри партии“, вели Стјепановиќ.

Се вчитува...