Ракометарот Стојанче Стоилов и каратистката Сара Радичевска ги освоија наградите за најдобри спортисти за 2019 година во изборот на Град Скопје.
Признанијата беа врачени на свечената церемонија што се одржа денеска, а Стоилов стигна до наградата во изборот за најдобар пред Могамедгаџи Нуров и Елмедин Сејфулахи, пливачот Евгениј Поп Ацев и каратистот Петар Заборски.
Најдобра спортистка на Скопје за 2019 година е прогласена Сара Радичевска од Карате клубот „Макпетрол“, која го освои сребрениот медал на Европските Универзитетски Игри.
Борачот Бесир Алили е најдобар младинец, а најдобра млада спортистка е тенисерката Александра Симева. Ракометарот на Вардар, Даинис Криштопанс, е најдобар странец за екипа од Скопје, а РК Вардар сосема заслужено ја доби и наградата за најдобар спортски колектив.
Суфијан Исмаили од боречкиот клуб Лирија е најдобар тренер. Во изборот за најуспешен спортист меѓу лицата со посебни потреби признанието го доби Марио Мицковски од Специјална Олимпија, за освоено прво место во пливање – 50 метри слободен стил и прво место во пливање – 25 метри грбно на Летните олимписки игри на Специјална Олимпијада.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА