Стоилов на шега: Само да нема повреди, кај оние што не мрднале со години

Ванчо Димовски и Стојанче Стоилов ќе го предводат составот на ракометните ветерани, најавувајќи дека ќе се обидат да бидат достоен дел од ракометното шоу на 3 јануари.

Селектори на селекцијата на ветерани ќе бидат Илија Темелковски и Звонко Шундовски, под чие водство Македонија оствари одлични резултати на големите натпреварувања во минатото.

„Ме радува самата организација на настанот, тоа што после долги години ќе се собереме сите на едно место. Сега засега сите се подготвуваме индивидуално, се надевам дека до 3 јануари ќе се видиме сите заедно, ќе одржиме барем еден заеднички тренинг и дека ќе се покажеме во супер светло. Се надевам дека со овој натпревар ќе им донесеме среќа на сениорите, па ако е навистина среќа нека стане и пракса, ќе се собираме секој јануари за вакви средби“, изјави Ванчо Димовски.

Стоилов пак во свој стил низ шега прокоментира дека се надева само да нема повреди меѓу оние најискусните.

„Сакам да дадам поддршка на овој настан, мислам дека е нешто одлично за да се оддаде почит на една генерација што твореше на терените со години, воедно и да се даде почит на оваа нова генерација која сега тргнува со свој нов почеток. Ова ќе биде склоп на забава, хуманост и спорт, само се надевам дека ќе нема повреди, не кај актуелните, туку кај тие што не мрднале со години“, низ шега прокоментира Стоилов.

Се вчитува...