ЕКИПА на ЕП во Хрватска,
Билјана Б. Петрушева, Стеван Цаневски, Игор Паневски
Македонските ракометари се подготвуваат во Вараждин и максимално го користат продолжениот одмор што го добија благодарение на првото место во групата Ц. Одличните игри во изминатата седмица се причина со оптимизам да се гледа дури и пред неделната пресметка со Шпанија, уште еден европски гигант од највисоко реноме.
„За нас ништо не е променето, се уште сме истата репрезентација што мора да работи напорно за да дојде до позитивен резултат против секој ривал. Реков сто пати, ќе повторам уште еднаш, не летаме во облаци, одиме чекор по чекор – против Шпанија посакувам да одиграме максимално борбено и дисциплинирано како и досега, ако го сториме тоа ќе имаме шанса за позитивен резултат. Секако дека тие се фаворити, но добро за нас е што Раул ги знае, почна со анализите, па максимално подготвени ќе влеземе во овој натпревар“ – истакна Стојанче Стоилов.
Tој беше најтажен по ремито со Германија, по оној промашен шут во самата завршница, но одличниот тимски дух му помогна експресно да го надмине разочарување.
„Ова е спорт, секако дека го надминав тоа разочарување и се свртев кон предизвиците што ги носи втората фаза. Морам да кажам дека тука ми помогнаа буквално сите соиграчи, кои ми дадоа поддршка во моментите кога ми беше најтешко“ – вели Стоилов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА