ЕКИПА во Виена,
Стеван Цаневски
Стојанче Стоилов одигра извонреден натпревар на стартот од ЕП, давајќи огромен придонес во победата над Украина. Иако многумина очекуваа полесна победа, „црвено-жолтите“ се мачеа до последната секунда, кога конечно беше осигуран триумфот, со голот на капитенот Кире Лазаров.
„Очекувавме дека ќе биде тежок меч. Ги сметаат за аутсајдери вo групата, но Украинците се исклучително силна репрезентација, што игра физички ракомет со многу контакт, со цврста одбрана. Знаевме што е нивното оружје, се подготвувавме за одбрана на „седум на шест“, но нивните шутери погодуваа беспрекорно и успеаја да се вратат. Иако победата е со еден гол разлика, најважни се бодовите, со кои ја остваривме зацртаната лец. Исцрпен сум бидејќи дуелите беа жестоки, но тоа ќе биде случај и на следните натпревари. Треба да се навикнеме дека ќе биде исклучително тешко да се стигне до посакуваните резултати, ќе мораме да дадеме се од себе“ – истакна Стоилов.
Следен противник на Македонија е селекцијата на Чешка, а триумф на неделниот натпревара ќе значи и пласман во следната рунда.
„Искрено, не прави преголема разлика што победи Австрија, во однос на тоа дали ќе победеше Чешка. Ние треба да влеземе во секој натпревар за да победиме, ако играме како што знаеме верувам дека можеме да стигнеме до посакуваните резултати“ – оптимист е пивотот на македонската репрезентација.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА