Вардар на три кола до крајот од групната фаза се наоѓаше на врвот на табелата, а по вчерашниот триумф на Некар Левен над Брест Мешков „црвено-црните“ се принудени да триумфираат в сабота над Целје за да се вратат на првото место, кое значи и директен пласман во четвртфиналето од елитното европско натпреварување.
„Пред нас е мечот со Целје, со желба да се вратиме на првото место откако Некар Левен вчера славеше на својот дуел со Брест Мешков. Знаеме дека сме фаворити, се навикнавме на оваа улога, но морам да потенцирам дека противникот не е нималку лесен, Целје во своите редови има многу квалитетни играчи. Ова е ЛШ, секој сака да победи секого, но ние имаме добра шанса да се најдеме на првото место и нема да ја испуштиме. Играчите се подготвени, очекувам да одиграат квалитетно, а добро е и што немаме посериозни проблеми со повреди, па ќе настапиме комплетни“ – истакна Раул Гонзалес.
Капитенот Стојанче Стоилов истакна дека трите досегашни победи над словенечкиот состав (две во СЕХА, една во ЛШ) нема да значат и опуштање во пресрет на новиот дуел меѓу овие два тима.
„Три пати годинава се сретнавме со Целје, извојувавме три победи. Некои мислат дека задачата в сабота ќе ни биде лесно, но знаеме дека нема да ни биде така едноставно. Играме дома, фаворити сме, и тоа треба да го покажеме на терен. Сигурно нема да го потцениме противникот, ова е меч што мора да се добие, но ние не чувствуваме притисок бидејќи последните средби исто така беа мечеви на кои моравме да славиме и ние го сторивме токму тоа“ – изјави Стоилов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА