Капитенот на ракометниот европски шампион Вардар, Стојанче Стоилов имаше успешна хируршка интервенција на носот во „Аџибадем Систина“. Стоилов вели дека по операцијата се чувствува одлично и дека надминал голем проблем кој го имал со дишењето.
„Воопшто не се двоумев каде да побарам стручна помош, знам дека тука здравјето го препуштам во најдобри раце. Д-р Лазаревски е исклучителен професионалец, се чувствувам одлично по интервенцијата. Затнатиот нос и проблемот со дишењето што го имам веќе подолго време беа навистина голема пречка за мене како спортист и среќен сум што го надминав и овој проблем. Во услови на пандемија на коронавирусот се чувствував 100% безбеден, бидејќи тука се почитуваат сите правила за заштита како пациент “, вели Стоилов.
Д-р Александар Лазаревски кој ја изврши операцијата вели дека таа била неопходна поради проблемите кои ги имал со дишењето капитенот на „црвено-црните“.
„Операцијата беше неопходна кај Стоилов поради проблемите со дишењето на нос, имаше искривена носна преграда од десната страна која комплетно го затнуваше десниот носен ходник. Оваа состојба му правеше проблем бидејќи е професионален спортист, му го нарушуваше дишењето на нос, а тоа влијае и на физичката кондиција. Операцијата помина во најдобар ред, за 10 дена го очекувам на контрола. По интервенцијата, Стоилов ќе има многу полесно дишење на нос и, што е најважно, многу повеќе физичка кондиција“, вели д-р Лазаревски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА