Раководството на МЗТ Скопје и новиот тренер Александар Тодоров ги почнаа преговорите со кошаркари кои „сино-белите“ би сакале да ги видат во своите редови за следната натпреварувачка сезона. Како што е веќе објавено, Симоновски, Мекиќ и Тејмс имаат договори од минатата сезона, пред неколку дена за МЗТ потпиша и екс-капитенот Дамјан Стојановски, а следниот што би требало да го стави својот потпис на договорот со актуелниот првак е уште еден македонски репрезентативец, Стојан Ѓуроски.
Станува збор за играч кој минатата сезона за првпат ја мина во дресот на „металците“. Иако немаше преголема минутажа, Ѓуроски најчесто одлично ги користеше шансите што ги добиваше од тренерите, импресионирајќи пред се со својата борбеност.
Првата рунда разговори за продолжување на соработката покажала расположение и кај двете страни, па само прашање на време е кога крилниот кошаркар и официјално ќе го стави својот потпис на новиот договор со МЗТ Скопје.
„Металците“ веќе објавија дека планираат да разговараат со сите достапни македонски кошаркари, па во следната седмица ќе следат разговори со уште дел од играчите кои би можеле да потпишат договор со МЗТ Скопје. Приоритет на тренерот Тодоров во прв момент е ростерот да се екипира со што повеќе домашни кошаркари, па дури потоа ќе се тргне во потрага по засилувања од странство.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА