Едно реми беше доволно за да „пукне тиквата“ во таборот на Металург, па поранешниот првак на Македонија да донесе одлука за разделба од тренерот Дамир Стојановиќ. Откако „металурзите“ едвај стигнаа до бод во градската пресметка со Тинекс Пролет, исфрлајќи на површина бројни проблеми со дисциплината во играта на клубот од Автокоманда, веднаш беше организиран „кризен штаб“.
А во таквите ситуации вообичаено најлошо минуваат тренерите, па Стојановиќ од денеска ќе мора да си бара нов ангажман. Србинот при доаѓањето од страна на управата беше најавуван како исклучителен стратег под чие водство младите ракометари дополнително ќе напредуваат, но повеќе од јасно е дека тој не ги оправда очекувањата.
Не станува збор само за ремито со Пролет, „металурзите“ беа далеку од посакуваното ниво уште од самиот старт на подготовките, па управата сака благовремено да реагира во пресрет на дуелите од ЕХФ-купот. Потрагата по нов тренер стартува денеска, а се очекува во најскоро време да биде именуван и наследникот на Стојановиќ на клупата на Металург.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА