Раде Стојановиќ беше изборот на раководството на Тиквеш за нов тренер во пресрет на плејофот. Долгогодишниот македонски репрезентативец има одличен старт, кавадарчани играат фантастичен ракомет, па откако во минатото коло несреќно загубија од Алкалоид, викендов забележаа огромна победа на домашен терен над екипата на Вардар.
„Јас и пред натпреварот кажав дека верувам во позитивен резултат, бидејќи кога играме во својата сала, бодрени од фантастичните навивачи можеме да го победиме секој противник. Добро се подготвивме и стигнавме до огромна победа со која го потврдивме квалитетот и ги израдувавме кавадарчани. Пресудна беше нашата перфектна одбрана во текот на сите 60 минути. Во нападот не бевме перфектни, што е нормално кога играш против тим како Вардар кој згора на тоа го има и одличниот Томовски на голот, но со играта во дефанзива си го трасиравме патот до победата. Знаевме дека треба да го задржиме силното темпо бидејќи ќе се мачат да го издржат, го немаа јапонскиот плејмејкер, знаевме дека нема да игра ниту Петриќ, а и дека Николиќ е повреден“, истакнува Стојановиќ за ЕКИПА.
Кавадарчани се во еуфорија по големиот триумф над двократниот европски шампион, но тренерот на Тиквеш повикува на претпазливост бидејќи се одиграни само три кола во плејофот.
„Не сакам однапред да говорам за конкретни амбиции и пласман на кој се стремиме. Она што јас како тренер го сакам е да играме на секој натпревар како против Вардар и како претходно против Алкалоид, што беше исто така одличен меч од наша страна. Да продолжиме напорно да тренираме и да се покажуваме во добро светло и во Кавадарци и надвор од него. Ако успееме во тоа, резултатите дефинитивно нема да изостанат и на крајот од сезонава ќе се радуваме на добар пласман“, изјави Раде Стојановиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА