Баскет Кам продолжи да нижи трофеи во женската сениорска кошаркарска конкуренција откако по триумфот во Суперкупот на Македонија славеше и во финалето од Купот „Благоја Георгиевски – Буштур“ над екипата на МЗТ Скопје.
Предводничката на екипата од Македонска Каменица, Жаклина Стојановска не го криеше задоволството од новиот трофеј, но нема многу време за славје бидејќи најави и атак на тројната круна.
„Секако дека сум среќна за освојувањето на овој пехар, како втор наш во оваа сезона. Пак ќе кажам – денеска ќе се радуваме, од утре веќе почнуваме со тренинзи. Пред се, нас главна цел ни е освојујвање на шампионската титула. Девојките изиграа одличен натпревар. Сите што добија минутажа одговорија коректно на нивните задачи. Не очекував дека за еден Куп натпревар ќе ни оди така лесно, со толкава разлика, но тоа е тоа. Кога работите движат во наша цел јас сум задоволна. Среќна сум што девојките, за разлика од вчера, овој натпревар го изиграа на едно навистина високо ниво. Моментално сите екипи ги склопија своите ростери, нема веќе право на засилувања. Јас сметам дека сепак нашиот ростер е затворен на сите позиции со домашни играчи и мислам дека лесно ќе ја освоиме шампионската титула“, вели Стојановска.
Тренерот на МЗТ Скопје, Горан Крстевски ја честиташе заслужената победа на противникот и самиот најави макотрпна работа за што подобар пласман во домашниот шампионат.
„Пред се сакам да и честитам на екипата на Баскет Кам. Потполно заслужено. Како што реков и пред почеток на турнирот, апсолутен фаворит и во моментов докажаа дека се најдобра екипа без конкуренција во Македонија. Честитки за моите девојки. Можеби вчера многу се потрошивме. Немаме многу играчи, тоа се пет-шест девојки. Сметам дека имаме капацитет да пружиме нешто повеќе, но ете има и лоши денови. Врз основа на овие грешки треба да ги градиме работните денови во март, април, мај и во јуни и да се обидеме во првенството да бидеме што повисоко пласирани. Врз основа на оваа игра треба да ја градиме играта во наредните година, две или повеќе, а и да купиме нешто како концепт од Баскет Кам, некој концепт од Вардар и да се базираме на што повеќе домашни играчи“, вели Крстевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА