Екипата на Баскет кам е старо-нов кошаркарски шампион на Македонија во женска сениорска конкуренција.
Девојките од Македонска Каменица беа подобри од својот противник во големото финале, екипата на Крива Паланка. По двете домашни победи, вчера стигнаа и до првата на гостински терен од 49-67, и пресудна, за максимални (3-0) во финалната серија на плеј-офот, и нивна четвртта по ред титула во серија, што ги прави како еден од најтрофејните женски кошаркарски колективи во Македонија.
Тренерот на клубот, Жаклина Стојановска вели дека оваа титула ја посветува на целата Македонска Каменица.
„Оваа титула ја освоивме со срце, карактер и чиста игра. Против себе имавме тим кој не сакаше достоинствено да ја прифати разликата во квалитет, но ние одговоривме спортски, со дисциплина и квалитет. Победивме 3-0 и тоа е најдобриот одговор што можевме да го дадеме. Девојките беа неверојатни – покажаа зрелост, сила и верба во секоја минута од секој натпревар. Ова не е само шампионска титула – ова е победа на трудот над кратките патишта, на тимот над индивидуалноста, на достоинството над провокацијата. Им благодарам на сите кои беа со нас – на клубот, и на навивачите кои не поддржуваа безрезервно. Оваа титула ја посветуваме на градот Македонска Каменица“, изјави Стојановска.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

