Стојановски: Еднаш веќе го добивме МЗТ, зошто да не повторно…

Кошаркарите на Пелистер успешно го минаа првиот тест на завршниот турнир од Купот на Македонија, славејќи на дуелот против Чаир и обезбедувајќи пласман во полуфиналето од ова натпреварување.

„Зелено-белите“ има контрола над резултатот во текот на сите 40 минути и на крајот заслужено славеа со поените на Лука Стојановски, кој втрча во рекетот во клучните моменти, по офанзивен скок ставајќи печат на триумфот.

„Секако дека сме презадоволни од победата. Сите ние знаевме дека сме многу подобри од она што го покажуваа последните резултати што ги бележевме, дека имаме квалитет за да победуваме и дојдовме овде за да остане до самиот крај, зошто да не и да стигнеме до пехарот. Нема тајна на успех или будење, едноставно напорна работа на тренинзите и прифаќање на методите на тренерот, кој знае како да се снајде во вакви ситуации. Сето тоа донесе резултат против Чаир, знаевме како да се одбраниме во финишот кога беше најважно и тоа ни ја донесе победата“, изјави Стојановски.

Нема многу време за славје, бидејќи Пелистер веќе денеска во 18 часот го очекува полуфиналната пресметка со екипата на МЗТ Скопје, во репризата на ланското финале од ова натпреварување.

„МЗТ можеби важи за фаворит на хартија, поради моментната форма и изгледот на табелата, но тоа не значи ништо во Купот, на еден натпревар се е возможно. Впрочем, ние еднаш веќе го добивме МЗТ Скопје сезонава, знаеме дека овој тим не е непобедлив и дека ако ние бидеме на нивото на кое можеме да играме, би можеле повторно да славиме против нив“, истканува Лука Стојановски.

Според него, клучно ќе биде да се неутрализираат најискусните кошаркари на МЗТ.

„Нивни главни играчи се оние најискусните, браќата Стојановски, но и Бојан Крстевски кој се покажува како многу важна алка во играта на МЗТ оваа сезона. Мислам дека клучно ќе биде да ги неутрализираме, да ги надмудриме овие тројца кошаркари, бидејќи ако успееме во тоа би биле многу блиску до остварување на целта – пласман во големото финале“, порачува за крај бекот на Пелистер.

Се вчитува...