Капитенот на МЗТ Скопје, Дамјан Стојановски вели дека тимот е подготвен да се соочи со предизвиците со новата сезона. Аеродромци утре ќе го пречекаат Партизан во првото коло од АБА-лигата, па Дамјан смета дека МЗТ може да оствари победа доколку ги спречат гостите да го наметнат својот стил на игра. Стојановски се надева дека во оваа сезона МЗТ ќе има поддршка од најверните фанови, бидејќи во претходните години токму тоа му недостасуваше на клубот.
„Сметам дека сме подготвени за новата сезона. Контролните меѓународни средби поминаа според планот, доста внимание посветивме и на кондицијата, па се надевам дека ќе имаме позитивен старт на новата сезона. Сезоната ја отвораме со дуел против Партизан во АБА-лигата. Ги анализиравме нивните средби од подготовките, видовме дека се работи за нова, подмладена екипа која доста трча. Знаеме дека нивното главно оружје транзицијата, па наша задача е да ги спречиме што е можно повеќе нивните контранапади, но за да победиме треба да бидеме поефикасни и во нападот. Од оваа година ќе ни биде потешко, во домашното првенсто стартуваме од првото коло, а знаеме дека другите тимови доста се засилија. Конкуренцијата ќе биде поголема, не смееме да потцениме ниту еден противник, исто како во Јадранската лига, па ќе мора да го даваме својот максимум на секоја средба. Се надевам дека ќе имаме поддршка и од трибините, нашите фанови многу ќе ни помогнат да ги оствариме нашите цели за сезонава, бидејќи во претходниве години ни недостасуваше нивната поддршка“, истакна Стојановски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА