Стојчевиќ е прво летно засилување за Пролет, нов договор за Василевски

Тинекс Пролет го комплетираше првиот трансфер во пресрет на новата сезона, потпишувајќи двогодишен договор со Стефан Стојчевиќ. Овој перспективен пивот доаѓа од редовите на Алкалоид, од каде вториот дел од сезоната беше позајмен во таборот на Мулти Есенс. Претходно, Стојчевиќ има настапувано и за екипата на Бутел.

Станува збор за исклучително талентиран ракометар кој ќе биде од голема помош во нападот и во одбраната, покривајќи ја пивотменската позиција што остана испразнета по заминувањата на Арсеновски и на Крстевски.

Овој скопски суперлигаш успеа да го задржи во своите редови Александар Василевски, со кого беше потпишан нов договор и искусниот лев бек и во новата сезона ќе ги брани боите на Пролет. Василевски важи за беспрекорен шутер, на неколку овосезонски натпревари беше и најдобар стрелец на Тинекс Пролет, а игра и значајна улога во одбраната на тимот на Александар Јовиќ.

Управата на Пролет продолжува со преговори за ангажман на уште неколку засилувања со кои би бил заокружен ростерот за наредната натпреварувачка сезона.

Се вчитува...