Стојковиќ: Не ме прашувајте за Џака и за Шаќири…

Извлекувањето на Србија и на Швајцарија во иста група за СП 2022 како и пред четири години беше причина да се вратат спомените од мечот во Русија, кога Швајцарците славеа со 2-1, а стрелците Гранит Џака и Џердан Шаќири ги прославија погодоците летајќи орли.

Српскиот селектор Драган Стојковиќ – Пикси веднаш стави до знаење дека не сака воопшто да коментира на оваа тема, бидејќи според него фудбалот и политиката никако не смеат да се мешаат.

„Веднаш по ждрпката еден швајцарски новинар ме праша за дуелот со оваа репрезентација и за политиката, за Џака и за Шаќири. Го прашав зошто сега прашува такво прашање кога треба да зборуваме за фудбал и воопшто не му одговорив. Јасно му порачав, да се смири, да не ја бранува ситуацијата и ако сака да праша за нешто поврзано со фудбалот да го стори тоа. Јас веќе реков, еден српски новинар ме праша за одмазда против Швајцарците… па каква одмазда, во фудбалот и во спортот не постои тој збор. Играв за својот дрес, за својата држава, правиш се за да победиш, не постои поголем мотив од тоа“, дециден е Пикси.

Се вчитува...