Столе Димитриевски летово си замина од Рајо Валјекано и потпиша тригодишен договор со Валенсија како значаен чекор напред во кариерата. Македонскиот ас беше најавуван како прв голман и замена за Мамардишвили, но ситуацијата се искомпликува откако ниту еден од заинтересираните клубови не понуди 30 милиони евра, колку што Валенсија бараше за Грузиецот.
Сето ова ја компликува ситуацијата за Столе и за „лилјаците“, па според последните информации нашиот репрезентативец би можел да се врати назад во Рајо само два месеца откако го напушти овој клуб. Мадридскиот прволигаш веќе стапил во контакт со Валенсија покажувајќи конкретен интерес, испраќајќи и понуда за едногодишна позајмица на Димитриевски.
Во Рајо Валјекано се свесни за квалитетите на Македонецот, знаат дека нема да му биде потребно време за адаптација во старо-новиот клуб, па се очекува да притиснат до крајот на преодниот рок за комплетирањето на оваа позајмица.
Клучот сепак е кај челниците на Валенсија и преговорите за Мамардашвили. Ливерпул е најконкретен во оваа трка во моментов, но „црвените“ сакаат да ја спуштат сумата од 30 милиони евра со тоа што ќе го остават Грузиецот уште една година да брани како позајмен играч за Валенсија. Ако тоа се случи, јасно е дека Димитриевски нема да биде првотимец во Валенсија и тогаш Рајо ќе биде сериозен кандидат во трката за потпис на македонскиот голман за следната натпреварувачка сезона.
За потсетување, Димитриевски има клаузула што му овозможува да си замине од „Месталја“ за само три милиони евра токму за ваков случај (ако Мамардишвили остане, па тој треба да седи на клупата), па останува да ја почекаме разврската околу голманите во Валенсија до крајот на овој преоден рок.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА