Столе Димитриевски е единствениот македонски репрезентативец кој во моментов игра во Шпанија, и се обиде во своето интервју во тиражниот весник „Марка“ да им го доближи нашиот фудбал на Шпанците. Тој вели дека Горан Пандев е фудбалскиот бог во Македонија, споредувајќи го со Роналдињо во Бразил, или со Серхио Рамос во Шпанија. Вели дека би бил келнер, доколку не е голман, а за него најдобар чувар на мрежата во светот е Давид Де Хеа, кој е вистинскиот наследник на Икер Касилјас.
Тој во авуст 2009 година не бил ниту на стадионот, на отворањето на „Филип Втори“ и стогодишнината од македонскиот фудбал, кога Македонија водеше со 2-0 против Шпанија, со головите на Горан Пандев, а потоа во вториот дел „црвената фурија“ стигна до триумф од 2-3.
„Не бев на стадионот, татко ми тогаш не можеше да најде билети, беше навистина голема фама, па гледавме на ТВ. Се сеќавам добро, како големиот Пујол не можеше да спаси на гол – линијата. Секако, Шпанија и тогаш ја покажа својата класа. Но, Горан Пандев во Македонија е фудбалски бог, тој е само третиот Македонец кој успеал да ја освои Лигата на шампионите со Интер, откако претходно тоа го направија Дарко Панчев, кој своевремено беше „Златна Копачка“, и Илија Најдоски, со Црвена Звезда. Пандев во Македонија е како Роналдињо во Бразил, сите му се поклонуваат за неговото фудбалско дело. Или како Серхио Рамос во Шпанија“, вели Димитриевски за „Марка“.
Столе Димитриевски вечерва ќе биде на голот на Македонија, а на спротивната страна – Давид Де Хеа. За него, најдобриот голман во светот.
„Де Хеа за мене е најдобар голман во светот во овој момент. Тој е вистински наследник на легендарниот Икер Касилјас. Секако, игравме и против Италија, против големиот Буфон. Но, мислам дека во моментот, Де Хеа е најдобриот светски голман“, вели чуварот на мрежата на македонскиот национален тим.
За крај, Столе Димитриевски откри и една голема тајна. Ако не бил голман, во животот ќе бил – келнер.
„Ако не бев голман, сигурно ќе бев келнер. Но, сега сум фокусиран на мојот фудбалски пат“, истакна Димитриевски.
На крајот, истакна дека верува во успех на вечерашниот меч, иако ривал е големата Шпанија.
„Во Гранада загубивме со 4-0, но имавме две одлични шанси на 0-0 и на 1-0. Верувам во изненадување“, порача Столе Димитриевски преку „Марка“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА