И покрај тоа што беше вклучен во тренинг кампот на Валенсија во Германија, сепак, македонскиот репрезентативен голман Столе Димитриевски најверојатно ќе го напушти тимот од „Местаља“ во овој преоден рок. Со оглед дека Валенсија донесе нов чувар на мрежата, Димитриевски е на излезна врата од клубот.
Последните информации од Шпанија говорат дека тој бил понуден на новиот шпански прволигаш Елче. Според информациите, Димитриевски би поминал една сезона на позајмица во овој клуб, а потоа би се решавал неговиот статус, односно можноста за перманентен трансфер, во согласност со тоа ако тимот успее да избори уште една сезона во Ла Лига.
Димитриевски сака да пронајде клуб каде што ќе брани стандарно, со оглед дека минатата сезона во Валенсија ја помина главно на клупата, поради тоа што Георги Мамардашвили беше прв избор, и покрај тоа што беше продаден на Ливерпул. Сепак, англискиот тим веднаш го врати на „Местаља“ како позајмен, по што за Столе немаше место. И кога се чинеше дека ќе ја дочека својата шанса, Валенсија изненадувачки го донесе Хулен Агирезабала од Атлетик Билбао како позајмен, што значеше дека Македонецот ќе мора да бара нова средина.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

