Столе Димитриевски за ЕКИПА: Му реков на Депај дека ќе му одбранам и ќе му го земам дресот, ама беше изнервиран па на крај не ми го даде

За многумина херој, за легендарниот Роналд Куман сигурно не. Македонскиот голман Столе Димитриевски беше еден од најзаслужните за поразот на Барселона од Рајо Ваљекано после 20 години. Чекаше и дочека тимот на Рајо да му нанесе пораз на „ранетиот“ тим на „каталонците“, а потоа дојдоа и потресите во Барса. Поразот ја прели чашата, па Куман стана „поранешен“. Куман сигурно сега го мрази Столе, додека голем дел од навивачите на Барса му искажуваат јавна благодарност на голманот поради тоа што донесе тренерска смена која фановите со нетрпение ја очекуваа.

Му одбрани пенал Столе на Депај, Фалкао погоди, и ете ја победата. Депај после две години не реализираше пенал, а Столе е „виновникот“.

Во разговор за ЕКИПА, Димитриевски раскажа за моментите за пеналот, за самиот натпревар, атмосферата во соблекувалната, како се славеше, како и за пораките од навивачите на Барселона кои му се заблагодарија.

ДЕПАЈ И НЕГОВИТЕ СОИГРАЧИ БЕА НЕРВОЗНИ, НЕ ГО ДОБИВ НЕГОВИОТ ДРЕС

Што му кажа на Депај пред изведувањето на пеналот? Димитриевски раскажува за ситуацијата…

„Му пријдов на Депај и му реков дека ќе му го одбранам пеналот и дека после натпревар ќе му го земам дресот, затоа што секогаш кога ќе имам одбранет пенал или некоја добро одбранета топка, секогаш го земам дресот на противничкиот играч за спомен. Депај не ми кажа ништо, не ме ни погледна, се фокусираше на пеналот. Се случи јас да го одбранам. После натпреварот Депај брзо избега во соблекувалната, и тој и неговите соиграчи. Го барав да му го земам дресот, но не го добив. Гостите беа многу нервозни, збунети, во неверување. Меѓутоа не очајувам. Испратив порака преку мои соиграчи блиски до Барселона да му пренесат дека ќе си купам негов дрес и ќе го имам за спомен. Тоа е најмал проблем, важно е што го одбранив тој пенал и што победивме“, вели Димитриевски.

БАРСЕЛОНА КАКВА, ТАКВА, СЕПАК, Е ГИГАНТ

Факт е дека Барселона оваа сезона не личи на себе, во голема криза се Каталонците, и дали тоа влијаеше на овој резултат?

„Сигурно дека Барселона е во криза, тоа е очигледно. Кажав дека тие не се истиот тим со Меси и без него. Но, и покрај кризата секако дека се гиганти. Тоа е голем тим со многу ѕвезди, со многу репрезентативци, дел од нив имаат освоено светско, европско првенство, Лига на шампиони, играле големи натпревари и да се победи таков тим не е мала работа. Оваа победа дефинитивно вреди повеќе од три бода“, ни изјави Димитриевски.

ГОСТИТЕ БЕА ЗБУНЕТИ, НЕРВОЗНИ, ВО НЕВЕРУВАЊЕ…

А што се случуваше во соблекувалните по мечот?

„Кај нас големо славје. Некако не ни се веруваше во тој момент, и знаевме дека како одминува времето ќе сфатиме што сме направиле. Реков дека оваа победа вреди многу повеќе од само три бода. Во нашиот тим има добра атмосфера а после ова сигурно ќе биде подобро. А кај Барселона? Молк, шок и неверување. Играчите беа нервозни, збунети… Не можеше да се дојде до нив, да се зборува. Дел од моите соиграчи сакаа да разговараат со некои кои ги познаваат, да ги утешат, но тоа не беше можно.“, вели нашиот репрезентативен голман.

ГО СМЕНИ КУМАН, НАВИВАЧИ НА БАРСЕЛОНА МУ СЕ ЗАБЛАГОДАРУВААТ

Веднаш по поразот од Рајо и смена на големиот Роналд Куман од клупата. Навивачите на Барселона дочекаа тренерот да биде сменет, бидејќи долго време бараа такво нешто. Затоа благодарност од фановите на Барса доби и Димитриевски. Еден навивач побара да му биде изградена статуа на Димитриевски пред „Ноу Камп“, затоа што се надева дека после Куман работите ќе тргнат во подобар правец.

На социјалните мрежи вриеше од коментари од типот: „Ти благодариме Димитриевски што го смени нашиот најслаб тренер во историјата“, „Добро е, Димитриевски го смени Куман, па сега може да се надеваме на трофеј во Лигата на шампионите“.

И Димитриевски имаше свој коментар:

„Не успеав да ги видам сите тие коментари на социјалните мрежи, но ме информираа за дел од нив. Тоа со навивачите на Барселона е еден вид анегдота. Сигурно за смената на Куман немам влијание само јас и оваа наша победа, туку и други работи од минатите месеци. Јас го разбирам револтот на нивните навивачи затоа што од такви гиганти како што е Барселона секогаш се бара победа. Притисокот таму е голем, и доколку влезе во криза, секогаш нешто се менува“, заврши Димитриевски.

Се вчитува...