ЕКИПА во Брест, Белорусија
Томас Ѓорѓиевски
Како и секогаш, македонскиот репрезентативец Стојанче Стоилов носи огромен мотив во себе за утрешната финална пресметка со Веспрем во СЕХА лигата. Како што вели е подготвен за одмазда за минатогодишниот пораз, иако е свесен дека повторно ќе биде повеќе од тежок натпревар.
„Подготвени сме за одмазда за минатогодишниот пораз… Навистина сме силно мотивирани, имавме добра игра вчера против Загреб, имаме одлична атмосфера во тимот, сите предуслови за квалитетно финале“ – вели Стоилов за време на „медија денот“ во Брест и веднаш дополнува:
„Лично подготвен сум како и секогаш за жестока борба. Веспрем имаат добра одбрана, но ние имаме план како да ја разбиеме. Искрено двете екипи добро се познаваат меѓу себе, и сигурен сум дека на вакви натпревари не може да има некои големи изненадувањата. Мислам дека мотивот пред се ќе одлучи… Ова финале може да биде подготовка и за тоа што не очекува во Лигата на шампионите и Фајнлфорот во Келн. Но, тоа е нешто друго, а сега мислите ни се само на финалето од СЕХА лигата“.
Ќе треба и поголема поддршка од голманите во финалето…
„Добро, голманите можеби немаа свој ден вчера, но верувам дека така нема да биде во финалето. Но, ракометот е тимски спорт, и најважно е да се победува, а не тоа кој колку придонел за истото. Така ќе биде и утре. Најважно е да победиме“ – вели македонскиот репрезентативец.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА