Столе го подобри сопствениот рекорд на сите времиња: Веќе 441 минута без примен гол!

Најдобриот македонски голман Столе Димитриевски со денешниот натпревар против Летонија на арената „Тодор Проески“ без примен гол го поправи сопствениот рекорд на најдолга минутажа во националниот тим без примен гол во историјата.

На четири едноподруго натпревари Столе е несовладлив на голот на репрезентацијата, по двете претходни победи над Ерменија од 2-0 и 0-2 и над Летонија во Рига од 0-3. Последниот негов примен гол во репрезентацијата беше во 9. минута на дуелот против Фарските острови во Торшавн. Сега вкупната минутажа на Столе Димитриевски е 441 минута без гол во сопствената мрежа во националниот дрес, што е апсолутно најдобро постигнување на сите времиња во македонската репрезентативна историја.

Интересно, и третата најдолга минутажа во историјата на репрезентативниот фудбал е сопственост на Столе Димитриевски од 301 минута, во Лигата на нациите 2018.

Се вчитува...